Кои се најчестите митови што ги обесхрабруваат луѓето да започнат со фитнес? 🤔
Колку вистина има во тврдењето дека колку повеќе се потиш, толку повеќе слабееш?
И зошто жените се плашат дека вежбањето со тежина ќе направи да изгледаат “надуено”?
Јован Црвенковски (Curly), фитнес тренер, професионален бодибилдер и 3 пати државен првак во бодибилдинг, ни ја обелоденува вистината што се крие позади најчестите фитнес митови. ⬇️
Мит #1
30 минути по вежбање треба да внесеш протеин, во спротивно мускулите што ни се изморени и ги имаат потрошено гликогенските резерви, ќе почнат да атрофираат.
💡 Вистина:
Протеинската синтеза на мускулите има времетраење дури до 48 часа од моментот кога се вежбала конкретната мускулна група. Затоа е важно да се внесе дневната калориска потреба со добра макро (јаглехидрати, масти, протеини) и микро (витамини, минерали) нутритивна вредност.
Мит #2
Колку повеќе се потиш, толку повеќе масти топиш.
💡 Вистина:
Потењето нема директна корелација со горењето масти – тоа е начин на кој што телото пробува да се олади, но не е индикатор за тоа колку калории сме потрошиле.
Некои луѓе сметаат дека препотена маица е показател за одличен тренинг, но, поважен е интензитетот и трудот што го внесуваме во тој тренинг, отколку потењето.
На пример, доколку вежбаме во ладна просторија, ние нема да се потиме обилно или воопшто, но со самото изведување на вежбите, нашето телото ќе гори калории, дури и малку повеќе затоа што ќе се обидува да нè стопли.
Мит #3
Тренингот со поголема тежина ги прави жените bulky (“надуени”).
💡 Вистина:
Тренингот со килажа всушност ќе го даде тој тониран изглед што повеќето жени го посакуваат, но нема да ги „надуе”.
Зголемувањето на мускулната маса до тој несакан степен најмногу зависи од други фактори како генетика, хормони, диетата и специфичните начини на вежбање.
Мит #4
Слабеење на одреден дел од телото не е возможно.
💡 Вистина:
Многу луѓе веруваат дека можат да ослабат во одреден дел од телото, само преку вежбање на тој конкретен дел.
Пример, доколку само практикуваш стомачни вежби, а не внимаваш на тоа каква храна внесуваш во текот на денот, нема да ги постигнеш посакуваните резултати.
Специфичните вежби може да го подобрат мускулот или мускулната група, но тие нема селективно да ги изгорат мастите во истиот.
Губењето на масти се случува постепено низ целото тело, а не само во специфична мускулна група. Сепак, најголемо влијание за постигнување ефект имаат калорискиот внес и генетиката.
Мит #5
Најбрз начин за слабеење е правење многу кардио.
💡 Вистина:
Иако кардиото помага за согорување на калории, тренингот со тежина гради мускулно ткиво што го подобрува метаболизмот и притоа самото по себе активно гори калории за одржување на истата маса.
Најдобриот начин за слабеење се комбинација од кардиоваскуларни вежби и тежински тренинзи.